Косовскиот претседател Хашим Тачи продолжи денеска со секојдневните прес-конференции на кои ја промовира својата идеја за „корекција на границата со Србија“, што, според него, би подразбирало кон Косово де се припои Прешевската Долина, а Србија да не добие ништо од косовската територија, јави дописникот на МИА од Приштина.

Тачи денеска повтори дека нема поделба на Косово и додаде дека нема да има автономија за косовските Срби.

- Со корекција на границите се мисли единствено Прешевската Долина да припадне на Косово, но да нема поделба на Косово, ниту пак автономија за Србите, рече Тачи.

Тој истакна дека е целосно посветен на постигнување конечен мировен договор со Србија, а дека корекцијата на границата ја бара откако тоа од него го побарале претставниците на Албанците од јужна Србија, „како единствена можност да се легитимираат нивните барања“.

- Корекцијата на границите подразбира целосно присоединување на Прешево, Медвеѓе и Бујановац кон Република Косово. Тоа треба да биде транспарентен и мировен процес меѓу Косово и Србија, изјави косовскиот претседател.

На секојдневните инсистирања на Тачи дека треба да се направи корекција на границите со Србија се спротивставија сите релевантни политички субјекти на Албанците во Косово, најголемите владејачки и опозициски партии, меѓу кои и Демократската партија на Косово (ПДК), која тој ја основа и ја водеше до изборот за претседател на Косово.

Косовскиот премиер Рамуш Харадинај вчера рече дека „поместувањето на границите е можно единствено со војна“. Тачи, во реакцијата на оваа изјава на Харадинај, ја повтори својата теза дека не бара промена, туку „само корекција“ на границата со Србија и побара за тоа прашање граѓаните на Косово да се изјаснат на референдум.



Автор: Администратор
Објавено на: 08/08/2018 14:42