Американската вселенска агенција (НАСА) е во завршна фаза со подготовките за лансирање на леталото, чија мисија ќе биде да му се доближи на Сонцето, на дистанца на која досега ниту еден објект направен од човекот не успеал да стигне.
Една од најамбициозните мисии во историјата на човековото истражување на Вселената треба да почне в сабота, за кога е закажано лансирањето на соларната сонда „Паркер“.
Крајната цел на оваа сонда е да стигне во горната атмосфера на Сонцето, каде ќе биде изложена на екстремно зрачење и температура до 1.377 Целзиусови степени, што е многу повисока температура од точката на топење на најголемиот број челични легури.
За да ги издржи овие температури надворешниот керамички оклоп на сондата ќе биде прекриен со јаглеродни влакна, кои треба да и овозможат да издржи температура до 1.650 степени.
По лансирањето леталото ќе патува со рекордна брзина од 690.000 километри на час и ќе бидат потребни шест години да стигне до Сонцето.