Амбасадорот на Грција во Русија, Андреас Фриганас е повлечен и ќе биде заменет со друг дипломатски претставник, соопшти грчки допломатски извор.
- Господин Фриганас е вратен во Грција. Тој ја заврши својата мисија во Москва и ќе биде заменет со друг дипломат, изјави неименуваниот грчки извор.
Фриганас беше грчки амбасадор во Русија од мај 2016 година.
Односите меѓу Атина и Москва се влошија последниве недели, откако Грција минатиот месец реши да протера двајца руски дипломати и на двајца други да им забрани влез во земјата, под обвинение дека поттикнувале организрање протести против договорот со Македонија за името.
Русија ја осуди ваквата постапка на Атина, оценувајќи ја како „непријателски акт“ и реши како реципрочна мерка да протера двајца грчки дипломати од Москва.
Атина ја критикуваше одлуката на Москва истакнувајќи дека таа е „произволна и осветољубива“, но нагласи дека ќе продолжи да работи во интерес на пријателските односи со Русија.
Одлуката на Москва за протерување на двајцата грчки дипломати му беше врачена на амбасадорот Фриганас во понеделникот. Протераните грчки дипломати треба да ја напуштат Русија најдоцна до следниот викенд.