Српската опозициска Либерално демократска партија (ЛДП) на Чедомир Јовановиќ денеска оцени дека шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ ја искористил посетата на портпаролката на руското Министерсво за надворешни работи, Марија Захарова на Србија, за уште еднаш да испрати пораки за кавга со земјите во регионот и западните држави.
ЛДП смета дека Дачиќ со непримерното однесување ги навредил граѓаните на Србија, бидејќи наместо обраќање на јавноста во кое се објаснува причината за посетата на Захарова, тој „по кој знае кој пат ја обесмисли функцијата на која се наоѓа“, однесувајќи се како амбасадор на Русија во Белград.
- Антизападната хистерија со која ја објасни неправдата која е виновна за пропаста на Србија, беше следена со панаѓурската атмосфера на посетата, кој по се изгледа требаше да ја опише Србија како земја во која руските чиновници навраќаат во минување, за да испратат пораки кои преку нашиот рбет ги конфротираат со Западот, додека сите ние сме статисти без право сопствените интереси да ги ставиме во прв план, се наведува во соопштението на ЛДП.
Партијата истакнува дека интересите на Русија не се интереси и на Србија и министрите неможат да изгледаат како руски портпароли, без пристојност.
- На Србија и треба забрзан влез во ЕУ и во НАТО. Потребно и е решение на косовската криза, кое нема да биде напишано во Москва, туку ќе биде плод на договорот меѓу Белград и Приштина, како што е потребна и промена на регионалната политика со која би се потиснало руското влијание во БиХ, порача ЛДП.
Дачиќ на вчерашната прес-конференција со Захарова ја нарече Македонија лицемерна бидејќи се противи на промена на границите со Косово.
- Како не им е срам да говорат дека нема промена на границите, тие кои не бомбардираа за да ги урнат нашите граници? Како не Ви е срам, лицемери едни? Тоа важи и за Македонија која ја призна независноста на Косово и сега вели дека нема промена на границите... Пандорината кутија е отворена, да не се играат со нервите на Србија, тие кои мислат дека Србија е слаба, порача Дачиќ.