Косовскиот претседател Хашим Тачи денеска преку својот фејсбук профил порача дека Охридскиот рамковен договор претставува најголема гаранција за правата на Албанците и на стабилноста во регионот.
- Охридскиот договор, кој се потпиша пред 17 години, стави крај на вооружениот конфликт и создаде перспектива за мир, стабилност и меѓуетнички соживот во Македонија. И по 17 години тој останува најголема гаранција за правата на Албанците и стабилноста на Западен Балкан, напиша Тачи на Фејсбук по повод годишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор.
Според косовскиот претседател, како што јави дописникот на МИА од Приштина, целосното спроведување на Охридскиот рамковен договор, како и Договорот за името со Грција, „конечно го отворија патот за зачленување на Македонија во НАТО и Европската унија“.
- Косово останува постојан партнер на Македонија и на почитувањето на правата на албанското население, наведе Тачи.