Со одигрување на финалниот натпревар синоќа во Делчево заврши дводневниот турнир во баскет, настан кој го организираше локалниот Совет на млади како прва активност по неговото формирање.
На турнирот учествуваа 10 екипи од Кочани, Македонска Каменица, Делчево, Берово и Гевгелија. Во финалето екипата на "Барба" од Делчево беше подобра од "Дружината на Вацко" од Кочани.
- За прв пат во Делчево, после долги години еден спортски спектакл се случи во градот. Се надевам дека целата оваа организација ќе прерасне на едно повисоко ниво и овој турнир и уште многу други спортски натпревари ќе бидат традиција во Делчево, изјави Никола Тренчевски претседател на Советот.
Екипата на "Барба" турнирот го освои без ниту еден загубен натпревар.
- Најпрвин да и честитам на мојата екипа за освоеното прво место, на организаторите Совет на млади за успешниот настан, на спонзорите и на сите оние кои се потрудија да имаме убав спортски настан во Делчево. Заслужено го освоивме турнирот, бидејќи истиот го завршивме без ниту еден пораз, истакна капитенот на победничката екипа Горан Ангеловски.
За најкорисен играч на турнирот беше прогласен македонскиот младински репрезентативец Никола Орлов.
Организаторите на победничкиот тим му доделија парична награда во износ од 15 илјади денари.