Вдишувањето пареа од електронските цигари може да ги оштети клетките кои се од клучно значење за нашиот имунолошки систем. Тоа го негира тврдењето на некои здравствени институции кои се уште сметаат дека електронските цигари се помалку штетни од обичните, се посочува во нова студија на Универзитетот на Бирмингем.
Претходните испитувања се фокусираат на хемискиот состав на течноста во електронските цигари пред тие да испарат. Најновото, пак, се фокусира токму на пареата. Во експериментот учествувале осуммина непушачи.
- Не мислам дека електронските цигари се поштетни од обичните, но треба да го отфрлиме и мислењето дека се безбедни, истакнува проф. Дејвид Тикет.
Британските истражувачи посочуваат дека пареата од електронските цигари го оневозможува нормалното функционирање на имунолошкиот систем, клетки кои се наоѓаат во белите дробови и предизвикуваат воспаленија. На удар се клетките одговорни за отстранување прашина, бактерии и алергени.
Промените кај испитаниците се забележани по само 48 часа надзор во лабораториски услови.