Бугарскиот филм „Ага" на режисерката Милка Лазарова е прогласен за најдобар игран филм на 24. Филмски фестивал во Сараево и ја доби наградата „Срцето на Сараево“.
Победникот на годинашниот СФФ го соопшти претседателот на жирито, иранскиот режисер и двоен оскаровец Ашхар Фархади.
Наградениот филм раскажува за чистата љубов меѓу двајца кои живеат во изолиран леден предел и нивните топли меѓусебни односи.
Хрватскиот филм „Србенка" на режисерот Небојша Слијепчевиќ е прогласен за најдобар документарен филм, пак, српскиот воен филм „Товар", во кој глуми хрватскиот актер Леон Лучев, е награден со „Срцето на Сараево" за најдобра главна машка улога.
За најдобра актерка е прогласена Унгарката Софија Жамози за филмот „Еден ден". Наградата за режија ја доби Јоана Уричару и романскиот филм „Лимонада".
Најдобар краток филм е „Здив" - дебитантско режисерско остварување на босанскиот актер Ермин Браво.
Српскиот филм „Вештерки“, во кој една од главните улоги ја одигра македонската актерка Јелена Јованова, беше прикажан во детската програма на фестивалот. Во детската програма беше и новиот македонски краток филм на Ханис Багашов - „Мишко“, во којшто глумат Марко Ристовски, Тарик Рамадани, Верица Недеска, Игор Ангелов и Веда Спасовиќ. Кинематографер е Самир Љума, а музиката е на Златко Ориѓански.
На годинашниот фестивал од 10-ти до 16 август публиката можеше да погледне рекордни 266 филмови од 54 држави. Според проценките на организаторот, СФФ годинава имал околу 100.000 посетители.