Уште не се познати финалистите и Меѓународниот ракометен турнир Струга 2018, и по третиот натпреварувачки ден.
Во првиот натпревар ракометарите на домаќинот Струга беа поразени од многу поискусните гости од Шведска, тимот на Алигсас. Стружани имаа сили само за едно полувреме откако во првиот дел имаа водство до самиот финиш, но на полувреме заминаа со гол негатива. Во второто полувреме швеѓаните го зголемуваа водството за конечни 25:16 (11:10).
Во натпреварот, кој можеше да го донесе првиот финалист, екипата на српскиот вицешампион Железничар загуби со 20:24 (9:12) од Доброгеа Суд, предводена од поранешниот македонски селектор Ѕвонко Шундоски. Во овој тим настапуваат и двајца сегашни репрезентативци Велко Маркоски и голманот Никола Митрески, кој беше најдобар поединец на вчерашната средба со 14 одбрани и еден пенал. Сега останува романците да го совладаат домаќинот Струга и да се промовираат во први финалисти на овогодинашниот турнир.
Во последниот натпревар француски Тулуз го совлада турскиот шампион Бешикташ со 32:28 (15:15). После израмнетото прво полувреме французите беа подобри во вториот дел и заслужено славеа. Расплетот во оваа група ќе го очекуваме денеска по натпреварите Струга и Доброгеа Суд, Еурофар Работник и Тулуз, Целје и Бешикташ.
Вечерта е резервирана за македонскиот супер куп меѓу екипите на Вардар и Металург.