Македонската кошаркарска репрезентација до 16 години која го освои бронзениот медал на Европското првенство Б дивизија денеска оствари средба со претседателот на МКФ Петар Наумоски.

- Би се навратил уште од самиот мој избор за претседател, каде што најголемиот акцент го дадов на работата со младите категории затоа што се гледаше веќе тоа од многу подалеку дека работата и континуитетот со младите изостанува во последните 15-16 години. На некој начин, вештачки се радувавме на успехот во 2011 година, затоа што мислевме дека со тој успех, ќе продолжи развојот на македонската кошарка и создавањето на младински играчи. Ако не се работи со нив, тие нема сами да се создадат, изјави Наумоски.

Тој се заблагодари на играчите и стручниот штаб за залагањето и најави понатамошна поддршка за младинските селекции.

- Не застануваме тука. Концентрирани сме на целата кошарка, не само на машката, туку и на женската кошарка. Се надевам дека сите што работат и сите што ќе работат во иднина ќе одат по ист правец и нема да погрешат, да направат отстапка од овие проекти. Ова раководство веќе има програма, се заложивме да добиеме спортска сала во трајно користење на подолг период и ќе добиеме свој „дом“. Таму ќе продолжи активноста со репрезентациите, каде ќе има тренери, нутриционист, психолог... Ќе се работи за да се задржат сите деца и да не се дозволува нашите деца да одат надвор од нашите граници, истакна Петар Наумоски.



Автор: Администратор
Објавено на: 20/08/2018 13:49