Стрелецот на победничкиот гол за Вардар на средбата со Ренова, Тигран Барсегјан, за добриот старт во новата сезона го пофали целиот тим.
Вардар во првото коло одигра нерешено во тетово со шампионот Шкендија (2:2), а вчера на истиот терен ја совлада Ренова со 1:0.
- Среќен сум за голот како и за секој друг кога ќе биде победнички. Меѓутоа сакам да истакнам дека оваа победа е на тимот. Целата екипа многу се трудеше за оваа победа, и на крајот дојде и тој погодок. Сите сме заслужни за овој триумф, изјави Барсегјан за клупскиот сајт на „црвено-црните“.
Македонскиот вицешампион во следниот период го очекуваат нови предизвици. Прво има натпревар од Купот на Македонија против Вардар Форино, а потоа и натпревар од првенството со Македонија Ѓорче Петров.
- Немаме многу време за славење. Од денеска па натаму се вртиме веќе кон следните предизвици. Најпрво натпревар од Купот а потоа нов првенствен тежок натпревар. Сите мечеви се тешки, и ако не дадеме се од себе, ќе имаме проблеми. За да не се случи тоа, очекувам уште еднаш на сите натпревари да пружиме максимум без разлика на противникот, и да победуваме, вели ерменскиот интернационалец.