Тренерот на Челзи, Маурицио Сари, изјави дека планира да престане да пуши во период од една до две години, односно додека е во лондонскиот клуб, но оти потоа ќе им се врати на цигарите.
Италијанскиот експерт е познат како страстен пушач и тешко му е кога во текот на едно полувреме не може да запали цигара. Натпреварот против Арсенал беше прилично стресен, па дел од новинарите го прашаа дали едвај чекал да заврши полувремето за да испуши цигара.
- Не, ми беше потребен одмор, односно само да заврши првото полувреме. Немав потреба за цигара. Ќе престанам да пушам една до две години, а потоа пак ќе продолжам, истакна тренерот на Челзи.
Сари, кој во одредени периоди изјави дека пуши и по 80 цигари, ќе се соочи со огромен проблем бидеќи пушењето е забрането на сите стадиони во Велика Британија. Иако тоа е случај и на „Стенфорд Бриџ“ сепак раководството на Челзи ќе адаптира една просторија во која ќе може да пуши.