Поранешниот кошаркар и стратег Јанко Луковски ќе го засили стручниот штаб на МЗТ Скопје Аеродром за време на подготовките за новата сезона.
Луковски ќе ја преземе улогата на стручен советник на тренерот на тимот од Аеродром - Ѓорѓи Кочов.
Луковски настапуваше во сино-белиот дрес во периодот помеѓу 1976 и 1978 година, а беше и на клупата на тимот од Аеродром во сезоната 1997/98. Зад себе има 20-годишен тренерски стаж во поголем број македонски, српски и црногорски тимови, а во последниве две децении е ориентиран на работа со млади таленти.
Неговата главна задача ќе биде едукацијата на тренерите кои работат во младинската школа. Тој ќе држи мини-семинари само за тренерите на МЗТ и постојано ќе им биде на располагање за сѐ што им е потребно во работата со кошаркарите, соопштуваат од клубот.