Со традиционално читање на Константиновата Т'га за југ и палење на фестивалскиот оган пред Домот на поезијата, вечер почнува 57. издание на фестивалот Струшки вечери на поезијата, што до 27 август ќе се одржува на различни локации низ Струга и во неколку градови во државата.

Според традицијата, претпладне во Паркот на поезијата ќе биде засадено дрво во чест на добитникот на највисокото фестивалско признание „Златен венец“ - полскиот поет Адам Загајевски, каде ќе се чита поезија, а потоа ќе има прес-конференција со лауреатот.

По официјалното отворање на манифестацијата вечерта следува меѓународно поетско читање „Поетски меридијани“.

Утре на програмата е претставување на портрет на Михаил Ренџов, минатогодишниот добитник на наградата „Браќа Миладиновци“ за најдобра поетска книга на македонски јазик објавена меѓу две фестивалски изданија и поетски читања на поети од потесниот избор за оваа награда за 2018 година. Претставување на портрет ќе има и за Паули Тапио, добитникот на наградата „Мостови на Струга“, која СВП и УНЕСКО ја доделуваат за најдобра дебитантска книга, како и за други учесници на фестивалот.

Фестивалот ќе заврши в недела со манифестацијата „Мостови“ и врачување на наградите „Златен венец“, „Браќа Миладиновци“ и „Мостови на Струга“

На годинашните 57. Струшки вечери на поезијата ќе учествуваат 30 поети од 29 земји меѓу кои Полска, Финска, Франција, Германија, Израел, Грција, Албанија, Монголија, Шведска, Ерменија..., како и 50-тина поети од Македонија.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/08/2018 11:01