Штипските основни училишта се подготвуваат за почетокот на новата учебна 2018-2019 година. Во Општинското Основно училиште (ООУ) „Димитар Влахов“-Штип во тек се градежни зафати, односно се реконструира подот и училниците.
- Нееколошкиот линолеум го заменуваме со гранитни плочки и веќе сме при крај со поставувањето на плочките по ходниците. Воведуваме еден новитет и со кабинетска настава по предметите. Значи секој наставник ќе си има сопствен кабинет. Сите училници ги обеливме со иницијатива на сите вработени и сакаме да стартуваме со едно ново руво, каде што децата ќе се чувствуваат попријатно. Вели Миле Младеновиќ директор на ООУ „Димитар Влахов“.
Директорот на ООУ „Гоце Делчев“-Штип, Трајче Димов вели дека се е подготвено за стартот на новата учебна година, а добиени се и проекти за наставни помагала од страна Амбасадата на Република Германија и од Мировниот корпус.
- Морам да се пофалам дека за проектот за дигитализација на училиштето преку ИПА фондовите веќе ги поминавме двете фази, останува уште третата фаза, а на повидок е и уште еден огромен проект, што може да влезе во ова училиште, вели Димов.
Во ООУ „Ванчо Прќе“-Штип интензивно се работи на уредување на училниците и ходниците.
- Од Министерството за образование добивме три смарт табли, сместени се во кабинетите по македонски и математика и едната е во кабинетите по одделенска настава. Моментално немаме никакви проблеми и очекуваме се да биде во најдобар ред до петок 31 Август, кога ги очекуваме првачињата, вели Методи Парпаров, директор на ООУ „Ванчо Прќе“-Штип.
Во училиштата „Тошо Арсов“ и „Славејко Арсов“ се подготвуваат училниците и наставничките канцеларии.
Во штипските основни училишта бројот на ученици е околу 4.000.