Министерот за здравство, Арбен Таравари при посета на општата болница „Д-р Ферид Мурад“ во Гостивар ги промовираше вложувањата во реконструкција на одделенијата и медицинска опрема кои надминуваат 25 милиони денари. Придружуван од првиот човек на болницата, Арѓент Муча, министерот направи обиколка и се запозна со плановите на најголемата здравствена установа во Гостивар и да види дел од вложувањата: медицински апарати кои се ставени во функција, реновирани оддели, нов пристап за амбулантни возила и новоуредено паркиралиште.
Директорот на болницата, Муча најави дека покрај реализраното планирани се и други зафати кои треба да се реализираат идната година.
- Очекувам за кратко да започне реновирање на интерно одделение, ургентната единица и офталмологија. Од Министерството ни ветија дека ќе набават мамограф и формираме Центар за дојка. Наша заложба е и набавка на нов компјутерски томограф, бидејќи постоечкиот е стар повеќе од 14 години, рече Муча.
Министерот за здравство оцени дека гостиварската болница е лидер во регионот според вложувањата во нова медицинска опрема, инфраструктура и зајакнување на кадарот. Во период наназад вкупната вредност на зафатите и проектите, според него надминуваат 400 илјади евра.
- Среќен сум што во градот во кој сум се родил гледам многу инвестиции. Болницата од сопствениот буџет вложила 10 милиони денари, а 15 милиони денари се од Министерството како опрема. Посебно ми е драго што споредно со пред пет месеци и пациентите се задоволни од услугите што ги добиваат, рече министерот Таравари.
Тој напомена дека за гостиварската болница се набавени обезбедени најсовремени апарати ЕХО и ЕКГ, за анестезија, пациент-монитори, болнички пулсоксиметри, дерматоскоп.