Раководството на грчкиот гигант Панатинаикос размислувал сериозно за можноста да упати предлог за договор на легендата на шпанската кошарка, Хуан Карлос Наваро веднаш откако во медиумскиот простор се појави информација дека „Ла Бомба“ размислува да стави крај на кариерата.
Ова го откри тренерот на „детелините“ Чави Пасквал, кој долги години работеше со Наваро во Барселона.
- Бевме подготвени да му понудиме предлог, но на крајот се откажавме. Хуан Карлос Наваро е најдобриот кошаркар со кој сум работел и понудата ќе беше навистина добра, бидејќи тој го заслужува само најдоброто. Не можам да кажам дека ми се допаѓа начинот на кој Барселона пристапува кон ситуацијата, но јас веќе сум во Атина и сум далеку од клубот и е можно да не разбирам сѐ правилно, прокоментира Пасквал.
Чави Пасквал и Хуан Карлос Наваро работеа заедно во Барселона од 2008-та до 2016-та година, а во овој период ја освоија еднаш титулата во Евролигата и повеќекратно титулата во АЦБ и Купот на Шпанија.