Италијанскиот вицепремиер Луиџи ди Мајо потврди дека Италија ќе ги намали придонеси во буџетот на ЕУ, откако на минисредбата на врвот во Брисел не беше најдено решение за судбината на мигрантите, блокирани на бродот „Дичоти".
„ЕУ повторно одлучи да и сврти грб на Италија", напиша Ди Мајо на Фејсбук и додаде дека неговата земја нема друг избор освен „еднострано да преземе мерка за компензација“.
„Ние сме подготвени да ја намалиме сумата што ја даваме на ЕУ", напиша тој.
По Германија и Франција, Италија е на трето место според сумата која ја издвојува за буџетот на ЕУ, што значи дека таа дава повеќе отколку добива. Според податоците на Европската комисија, во 2016 година Италија во буџетот на ЕУ придонела со речиси 14 милијарди евра, а добила 11,6 милијарди преку различни програми.
Европската комисија оцени дека заканите не водат никаде, по најавата на Луиџи ди Мајо.
- Во Европа заканите не функционираат и не водат никаде", рече портпаролот на Комисијата Александар Винтерштајн.
- Неконструктивните коментари не се од корист и не не приближуваат до решение, додаде тој и истакна дека ЕК „продолжува интензивно да работи за решавање на ситуацијата".
- Не постои случај некоја земја-членка да одбила да ги плати своите придонеси во буџетот на ЕУ. Оваа обврска произлегува од договорите на ЕУ, рече Винтерштајн.
Средбата на 12 земји од ЕУ во Брисел заврши без решение за тоа каде да се истоварат мигрантите од италијанскиот брод „Дичоти", кои се блокирани во италијанско пристаниште.
Сто и деведесет мигранти беа спасени пред една недела од страна на бродот на италијанската крајбрежна стража „Дичоти“. Тринаесет лица кои имаа потреба од медицинска помош, беа префрлени на брегот, а бродот со останатите 177 е на пристаниште во Катанија. Под притисок на хуманитарни организации, италијанскиот вицепремиер и министер за внатрешни работи Матео Салвини во средата им овозможи на 27 деца да слезат на брегот. За останатите мигранти, тој рече дека ќе останат на бродот, додека не бидат преземени од други земји од Европската унија.