Манифестацијата ФИС Ролер ски купот „Тоше Проески“ ќе се одржува со две трки на регионалниот пат Кривогаштани-Крушево.
Манифестацијата, како што соопшти МВР, синоќа ја отворија министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, градоначалникот на Крушево Томе Христоски и директорот на Агенцијата за млади и спорт Дарко Каевски.
- Верувам дека овој спортски настан ќе расте од година во година, етаблирајќи се како манифестација од големо спортско значење, не само од аспект на спортските дисциплини кои како релативно нови, веќе го зацврстуваат своето место во меѓународните спортски манифестации и календари, туку и како манифестација што ќе не собира постојано овде во домот на нашиот Тоше, рече Спасовски.
Министерот Спасовски им посака на натпреварувачите успех и добри резултати, а на организаторите - беспрекорно одвивање на манифестацијата.
Овој куп е од меѓународен размер со учесници од Австрија, Хрватска, Грција, Словенија, Србија, Бугарија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Турција, Романија и др.