Весникот „Илинден“ единствен печатен медиум на македонски јазик во Албанија, кој има и елктронско издание, посветува посебен простор за летниот камп „Ја сакам Македонија 2018“ што за децата Македончиња кои живеат надвор од матичната држава го организира Министерството за надворешни работи на Република Македонија во Охрид.

Наведува дека на овој традиционален летен камп, учестваат повеќе од 80 ученици со македонско потекло од Албанија, Бугарија, Грција, Србија, Босна и Херцеговина, Италија, Австрија и Чешка кои посетуваат курс по македонски јазик, историја и географија на Република Македонија.

- Целта на оваа манифестација е одржување на врските со децата кои имаат македонско потекло, а кои живеат надвор од Република Македонија. Од Република Албанија на летниот камп учествуваат Македончиња од Тирана, како и од областите Голо Брдо и Мала Преспа. Станува збор за 13 деца кои ги предводат нивните воспитувачи Или Халилај, Фидана Ќулханџиу и Трајан Ванѓеловски, наведува весникот.

Оценувајќи го како многу значајна активност наведува дека до сега на кампот учествувале стотина деца Македончиња од Албанија, кои ги зголемуваат познавањата за мајчиниот јазик, историјата и културата, но исто така кампот придонесува во зголемување на заедништвото меѓу Македонците каде и да живеат.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/08/2018 13:36