Во спортската сала „Партизан“ на основно училиште Јоаким Крчовски, денеска беше промовирана книгата „Историја на спортот во Крива Паланка 1912-2018“ од д-р Јордан Михајловски.

Книгата е издадена во соработка со здружение Регионален центар за одржлив развој „ЕГРИ“ во рамки на проектот „Создавање на услови за институциски развој на спортот во Крива Паланка“ кој се имплементира како подгрант на проектот „Подобрување на активната вклученост на Македонските граѓански организации во процесот на донесување на одлуки преку зајакнување на новооснованите граѓански организации“, што го имплементира Фондацијата за одржлив економски развој ПРЕДА Плус, финансиски подржан од ЕУ.

Книгата претставува прва спортска монографија на Крива Паланка која аналитички го опфаќа спортот во изминатиот век.

- Општината е таа која секогаш треба да дава предност и да го стимулира спортот, а бидејќи нашиот град од почетоците на историјата на спортот се до денес генерирал плејада спортски амбасадори, горд сум да нагласам дека изминатиот период активно ги поддржуваме и спортските клубови да може што повеќе спортисти да се афирмираат. Како резултат на поддршката договорено е да се регистрира клуб пинг-понг кој ќе се натпреварува во прва лига, Кошаркарски клуб „Крива Паланка“ веќе пријави женска екипа во прва лига - жени при МКФ, како и бројни младински екипи, ја донесовме ракометната школа „Металург“, инициравме формирање на шаховски клуб. Ќе се потрудиме и во иднина што повеќе да го поддржуваме спортот рече градоначалникот на Крива Паланка, Борјанчо Мицевски.

Антонио Давитковски од „ЕГРИ“ истакна дека книгата е само дел од активностите кои се одвиваат во рамки на проектот, кој предвидува и формирање општинска асоцијација на спортови во Крива Паланка, во која ќе членуваат сите спортски клубови до градот, а ќе се одржат и обуки за клубовите за подготовка на проекти, за нивен поголем развој и унапредување, а предвиден е и состанок со бизнис секторот за поттикнување на поголема поддршка од страна на стопанствениците на спортот.

- Оваа сала во која сме денес е пантеон на спортот во градот, сала во која се родиле сите љубопитства кон спортот и истата носи посебна симболика.Во книгата, скромно издание наспрема величината на спортот во градот, се поместени и 109 фотографии кои го илустрираат сето напишано и посведочено. Првата организирана спортска активност во Крива Паланка започнала во 1912 година, така што до денес 106 години од прва организирана спортска активност, 95 години од донесувањето на првата фудбалск атопка во градот и 86 години од основање на првиот фидбалски клуб „Осогово“. Тоа се датуми кои треба да не мотивираат. Јазикот на спортот го обединува целиот свет и не може да се спореди со ништо во оваа ра на глобализација со интернетот. Ние добро знаеме кои се велесилите во економијата, но спортот е единствена сила која може високо да ги воздигне сите народи во универзумот на спортот и сите да им се восхитуваат, рече проф. д-р Јордан Михајловски, автор на книгата.

Тој ги наброја бројните репрезентативци од Крива Паланка во фудбалот, пинг-понгот, кошарката, каратето, ги посочи сите спортски репрезенти и амбасадори, истакнувајќи и ги и новите плејада надежни репрезентативци и репрезентативки кои веќе блеснуваат на спортското небо во Македонија.

- Ова е материјал кој благодарение и на рецензентите, професорите по физичка кулутра, Бранко Илиевски и Љубомир Ѓоргиовски, но и на мојот татко, да го собереме и да го врамиме во безмалку 200-те страниции, а истиот може како тема да им користи на идните студенти по физико образование, но и да им биде завет на дејците од областа на спортот, да прават годишни извештаи, да ги документираат и архивираат во музејот од градот, за да во иднина остане трајна вредност како и напишаново досега, посочи Михајловски.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/08/2018 16:58