Околу десет илјади посетители од разни краеви на Македонија и соседството присуствуваа на синоќашниот рок-спектакл "Џојфест" на Кривопаланечкиот градски плоштад.
На годинашното, седмо издание на музичкиот фестивал настапија рок-составот „РГБ“ од Крива Паланка, Фиц и "Студени нозе" и познатиот екс-ју рок бенд „Рибја Чорба“.
- Задоволство е да се види масата луѓе која доаѓа во градот токму по повод фестивалот.Секоја година се по бројна публика доаѓа на Џојфест од соседните општини и регионот, од разни градови, од соседните Србија и Бугарија, а тоа ни дава мотив да продолжиме со она што го работиме.Се покажа дека манирот и стилот кој го негуваме, претежно Македонска музика, со над 30-тина музички артисти на досегашните изданија и 5-6 странски уметници е добар тренд кој наиде на одобрување кај љубителите на добрата музика, изјави Александар Михајловски, уметнички директор на „Џојфест“.
Рече, и годинава во ист стил, со два домашни бендови и гостите од Србија, „Рибја Чорба“, повторно е направен полн погодок за добра забава и уживање на публиката од разни генерации.
- Благодарност до поддржувачите, до општинското раководство, до целиот организациски одбор и логистичкиот тим што и ова издание на фестивалот помина во најдобар ред и како што со нетрпение се очекуваше одржувањето на „Џојфест“ во месеците пред тоа, се надевам долго потоа и ќе се говори за него, дополни Михајловски.
„Џојфест“ 2018 се одржа во рамки на „Кривопаланечко културно лето“ во организација на локалната самоуправа на општина Крива Паланка, со поддршка на институциите од областа на културата од градот, Министерство за култура на РМ, под генерално покровителство на рудници „Булмак“.