Менаџментот на Рударско енергетскиот комбинат, РЕК Битола ја утврди празничната програма за одбележување на 28-ми август, македонскиот Ден на рударите.
Свеченостите и работните активности ќе почнат утре кога во РЕК Битола ќе бидат потпишани меморандуми за соработка со средните општински училишта „Таки Даскало“ и „Ѓорѓи Наумов“, и двете од Битола, како и меморандуми за соработка на АД Електрани на Македонија со Техничкиот факултет и Факултетот за информатички и комуникациски технологии, универзитетски единици на УКЛО-Битола.
Според програма, утре напладне во фоајето на НУ Центар за култура во Битола ќе биде отворена изложба на текстови и фотографии објавени во „Битолски весник” кои се посветени на почетоците со работа на РЕК Битола, со акцент на Блок-3 кој со работа почнал на 28 август 1988 година.
Од РЕК Битола информираат дека централната прослава на Денот на рударите ќе се одржи на 29 август, кога ќе бидат доделени и пофалници на вработени во АД ЕЛЕМ, Подружница РЕК Битола за особен придонес во работењето на комбинатот, додека пак следниот ден, на 30 август, директорот на РЕК Битола, Васко Ковачевски ќе потпише меморандуми за соработка со градоначалниците на општините Битола, Новаци и Могила.
Серијата настани по повод Денот на рударите, во РЕК Битола и во Битола, ќе биде заокружена на 31 август за кога се планирани крводарителска акција, донирање парична помош за Здружението за телесни инвалиди „Мобилност“-Битола, донација на инхалатори во Детското одделение при Клиничката болница во Битола и донација за спортската сала „Младост“ која ја обезбеди менаџментот на Фабриката за опрема и делови-ФОД.