На армискиот полигон „Криволак“ припадници на војската на Црна Гора, врз основа на планот за билатерална армиска соработка за годинава, од денеска до први септември ќе реализираат обука со артилериско гаѓање, со потребната подршка од Армијата на Република Македонија.

- Армијата на Република Македонија, покрај овозможување на непречено користење на капацитетите на АП „Криволак“, за време на изведување на активностите со свои припадници ќе обезбедува соодветна стручна помош, воено полициска придружба и потребна санитетска и логистичка подршка, соопшти Министерството за одбрана.

АРМ има многу добра соработка со војската на Црна Гора, која е изразена преку повеќе активности, како што се заеднички обуки на припадниците на двете армии на полето на военото воздухопловство, обука на специјалните сили, како и во военото образование при што питомци од Црна Гора се школуваат на Воената Академија во Република Македонија „Генерал Михајло Апостолски.

- Со изведување на оваа активност, АП „Криволак“ уште еднаш ги потврдува и промовира своите можности за изведување различен вид вежбовни активности не само од страна на АРМ туку и од вооружени сили на странски држави, наведува Министерството за одбрана.



Автор: Администратор
Објавено на: 26/08/2018 12:38