Со помен парастос на православните гробишта во Челопек, како и на разурнатиот мотел Бриони членовите на семејствата ја одбележаа 17 годишнината од загинувањето на Светослав Трпковски и Боге Илиевски.
Семејството на Трпковски, кои и годинава го посетија разурнатиот мотел Бриони каде загинаа Трпковски и Илиевски не сакаа да дадат официјална изјава за медиумите, но повторно ја искажаа решеноста и по 17 години да не се откажат од барањето на правдата и откривањето на виновниците за овој трагичен настан од конфликтот во 2001-та година.
Илиевски и Трпковски беа убиени на 26 август 2001-та година од се уште непознати сторители кои со динамит ги врзале двајцата за потпорните столбови и ги кренале во воздух со мотелот Бриони кај Челопек. Нивното загинување се случи две недели по потпишувањето на Охридскиот рамковен договор и пет дена по разурнувањето на Лешочкиот манастир. Овој случај беше опфатен со автентичното толкување на Законот за амнестија заедно со останатите три хашки случаи. Во стара состојба е и разурнатиот мотел Бриони бидејќи дел од албанското население од Челопек се спротиставува земјоделската задруга „Единство“ да продолжи да стопанисува со него. Оставен на забот на времето и неодговорното однесување на луѓето поранешното излетничко место и мотелот Бриони е целосно обрастнат со трња и трева, а последниве години поради постојаното фрлање на смет местото е дива депонија.