Со настапот на најстарото културно-уметничко друштво во Крива Паланка „Карпош“ синоќа беше затворено 14. издание на Интернационалниот фолклорен фестивал „Св.Јоаким Осоговски“.

Фестивалот траеше три дена, а третата фестивалска вечер почна со дефиле на учесниците од Северен Кипар, Турција, Србија, Бугарија и Македонија. Дефилето почна од населбата Житен склад низ главната градска улица до целтралниот градски плоштад каде на отворената летна сцена се одржа двочасовниот фолк-перформанс.

- Преголема е честа да се биде домаќин на седумнаесет фолклорни-културни амбасадори на пет држави. Благодарен сум на секој учесник, на сите ансамбли и друштва кои го збогатија и направија овој фестивал нешто што ќе се памети. А покрај одличните, според мене импресивни настапи, сигурен сум дека гостите ќе понесат од Крива Паланка и добри спомени и трајни пријателства, истакна градоначалникот на Крива Паланка, Борјанчо Мицевски.

На завршната вечер настапија „7 Bölge Dans“ од Бујук Кабаџа од Турција, КУД „Гоце Маркоски“ од Лисиче, Скопје, КУД „Ново Селиште“ од Бор, Србија, КУД „Сонце“ од Крива Паланка, КУД „Лазар Нанчич“ од, Вршац, Србија, ФА „Китка“, Ораовица, Радовиш, ФА „Lefkoşa“, Северен Кипар, КУД „ Запис“, Трстеник, Србија и КУД „Карпош“, Крива Паланка.

Сите учесници добија плакети и благодарници за учество на фестивалот.

Вечерва продолжува Кривопаланечкото културно лето 2018 со концертот на Јелена Томашевиќ, а ќе настапат и Димитар Андоновски и „Тајфата“.



Автор: Администратор
Објавено на: 27/08/2018 10:49