Во првото полугодие од годинава, општина Гевгелија реализирала приходи од 179,1 милиони денари од кои тековно оперативни биле околу 170 милиони денари, а 9,3 милиони денари биле капитални приходи.

Од Одделението за финансии во општината информираат дека реализираните расходи во истиот период изнесувале 158,1 милиони денари од кои 135,2 милиони денари биле потрошени за тековно работење на локалната самоуправа.

Нискиот процент на реализација од околу 18 отсто од вкупно проектираниот општински буџет во висина од 968 милиони денари, според градоначалникот Сашо Поцков, нема да има негативно влијание врз менаџирањето на тековните обврски затоа што општината има финансиски капацитет да се справи со нив.

- Вкупниот долг на општината, којшто на крајот од првото тримесечје изнесуваше 133,8 милиони денари, на крајот од полугодието го намаливме за седум милиони денари што претставува потврда дека и покрај тековното работење настојуваме да ги подмириме и обврските. Наследениот долг воопшто не претставува некакво алиби за полугодишните остварувања, меѓутоа финансиската состојба на општината не ја оценувам како критична, изјави Поцков.

Општината, вели Поцков, настојува паралелно да обезбеди и други извори за финансирање, пред се, со пренасочување на дел од средствата што казината ги уплаќаат во државната каса за лиценци и концесии, како и со зголемување за 10 отсто на процентот за поврат на ДДВ на општините кои имаат право на тоа.



Автор: Администратор
Објавено на: 27/08/2018 12:42