Во првите шест месеци од годинава буџетот на Општина Штип заедно со блок дотациите е реализиран над 369 милиони денари или 39 проценти, а додека основниот буџет е реализиран со 142.494.000 денари или со 30 отсто од планираното, информира раководителот на Секторот за финансии во општина Штип, Трајче Цветков.

- Наменските дотации се реализирани со 197 милиони денари или 50 проценти од планираното, донациите се реализирани со над осум милиони денари или 36 отсто и самофинансирачките дејности на буџетските корисници со 14.600.000 денари или 31 процент. Што се однесува до расходниот дел, вкупниот буџет е реализиран со 31 отсто, реалниот буџет 21 процент, блок дотациите со 44 отсто, самофинансирачките 24 проценти и во делот на донации со 32 отсто, вели Цветков.

Додава дека на следната седница на Советот на Општина Штип треба да се донесе и одлука за проширување на буџетот, поради добиените грантови од УНДП за Програмата за општо-корисна работа и средства од Амбасадата на Германија за опремување на кабинети во основното училиште „Гоце Делчев“.

Цветков смета дека релизацијата на буџетот на општина Штип за изминатите шест месеци е солидна.

- Со тоа што веќе во наредниот период ќе се зголеми уште во делот на продажбата на градежно неизградено земјиште во сопственост на Република Македонија, а со самото тоа ќе се зголемат и надоместокот за уредување на градежно земјиште, рече Цветков.

Штипјани во првата половина од годината си ги плаќале и даноците, па вкупните даночни приходи во буџетот се реализирани со 39 проценти. Овие бројки говорат дека до крајот на годината општинскиот буџет ќе биде реализиран како и во претходните години, односно меѓу 70 и 80 отсто од проектираното.



Автор: Администратор
Објавено на: 27/08/2018 12:45