АД Електрани на Македонија почнаа со празнување на македонскиот Ден на рударите 28-ми август, а според програмата, годинава најголемиот дел од активностите се организираат во Битола и РЕК Битола.
Во предвечерието на празникот, денеска во фоајето на битолскиот Центар за култура, а во организација на редакцијата на „Битолски весник“ беше отворена изложба на тема „Од камен темелник до ТЕ Битола-3“ со што беше одбележан и јубилејот – 30 години од денот на пуштањето во употреба на термолектраната или Блок-3 во комбинатот.
- Оваа изложба е потврда на фактот дека РЕК Битола е столб на македонската енергетика и столб на македонската економија. Тоа што на изложбата може да се види и прочита за нас претставува дополнителен поттик за поинтензивно се одвиваат новите инвестиции во РЕК Битола, рече меѓу другото Драган Миновски, генерален директор на АД Електрани на Македонија.
Според директорот на РЕК Битола Васко Ковачевски, изложбата на „Битолски весник“ значи сведоштво за тоа како во изминатите години работел комбинатот.
- Ова е историја на РЕК Битола, но и историја на градот Битола. РЕК Битола и АД ЕЛЕМ и понатаму ќе бидат партнери на заедницата, пред се од економско социјалниот аспект, а со заедничка меѓуинституционална соработка ќе можеме да помогнеме во развојот на Битола и регионот, посочи Ковачевски.
На промотивниот настан во Битола беше најавено дека наскоро во „Битолски весник“ еднаш месечно ќе биде објавуван подлисток посветен на работата на АД ЕЛЕМ и РЕК Битола.
- Со оваа изложба „Битолски весник“ се потврдува како најголем хроничар на градот, а в година ќе одбележи 55 години од денот на основањето на единствениот локален печатен медиум кој опстојува без прекин, а со соработката со РЕК Битола ќе се подобри иднината на весникот за да никогаш не згасне, посочи Младеновски.
Во рамки на свеченостите денес во РЕК Битола беа потпишани меморандуми за соработка со средните општински училишта „Таки Даскало“ и „Ѓорѓи Наумов“, и двете од Битола, како и меморандуми за соработка на АД Електрани на Македонија со Техничкиот факултет и Факултетот за информатички и комуникациски технологии, универзитетски единици на УКЛО-Битола.
Централната прослава на Денот на рударите ќе се одржи на 29 август, исто така во РЕК Битола.