Позади нас се настаните од оф програмата, со кои од 4 јули до 4 август го направивме најсилното и најмоќно издание на „Струмица опен фестивал 2018“, оцени денеска на прес-конференција Томи Печков од здружението „Културно забавен живот“ кое беше организатор на манифестацијата.
Печков додаде дека буџетот за целосната двомесечна забавна, спортска и културно-уметничко програма изнесува над 220 илјади евра, односно над 13,5 милиони денари.
- Во делот на сите седум години од постоењето на манифестацијата, општина Струмица е главен покровител. Како што е праксата низ годините, Советот на општина Стрмица издвои 50 илјади евра за поддршка на настаните на годинашното издание на Струмица опен фестивал. Годинава, фестивалот беше поддржан и од Министерството за култура за дел од настаните од национален интерес, рече Печков.
Врз основа на сумираните забелешки и коментари, како што рече Печков, ќе се гради концептот на наредното издание, а деталите околу терминот на одржувањето и програмата на „Струмица опен фестивал 2019“ ќе бидат соопштени до крајот на годината.