Бомба, која била скриена во торба, експлодирала денеска за време на градска прослава во јужниот дел на Филипините, при што загинало најмалку едно лице, а 35 се повредени, изјави воениот командант Сирилито Собеџана.

Според него, започната е потрага по напаѓачот, кој успеал да побегне.

Полицијата соопшти дека две лица се наоѓаат во критична состојба по експлозијата во градот Исулан во провинцијата Султан Кударат.

Очевидец изјавил дека сомнителната торба ја оставил еден маж во близина на местото каде што се одржувала прославата.

- Бомбата експлодирала кога полицијата тргнала кон осомничениот, кој во големата гужва успеал да побегне, истакнал воениот командант.

Во меѓувреме, портпаролот на регионалната полиција Алдрин Гонсалез изјави дека импровизираната експлозивна направа била поставена на мотор, паркиран пред една продавница во близина на популарниот ноќен пазар во Инсулан, кој прославувал годишнина од своето отворање.

Засега ниту една група нема преземено одговорност за нападот.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/08/2018 19:26