Додека демократите пред изборите во ноември за Конгресот, бараат начин да изнудат разрешување на претседателот, Доналд Трамп ги отвори сите фронтови: со медиуми, соседи, соработници, социјални мрежи, со целиот свет.

Тој сега на Твитер тврди дека Кина, а не Русија, ги хакирала кандидатите на демократскиот претседателски кандидат Хилари Клинтон, меѓу кои има и многу тајни информации.

Кинеското Министерство за надворешни работи не е изненадено од таквите обвинувања.

- Тоа не е првпат да слушнеме такви обвинувања. Кибер криминалот е глобална закана и заеднички интерес на сите земји е да ја заштитат меѓународната заедница, порача портпаролката на кинеското Министерството.

Американскиот претседател, исто така, ги прозва Гугл, Твитер и Фејсбук поради наводна пристрасност и местење на резултатите од пребарувањето, што беше негирано од страна на Гугл.

- Гугл, Фејсбук и Твитер навистина пловат во матни води и мора да внимаваат. Неправедни се кон голем дел од населението. Не може тоа да им го правите на луѓето. Добиваме илјадници и илјадници обвиненија, рече претседателот на САД, Доналд Трамп.

Во разговорот со протестантски свештеници, Трамп најави дека демократите ќе одат на отворени конфликти, доколку ги изгубат делумните избори за Конгресот во ноември.

- Изборите на 6 ноември не се само референдум за мене, туку и за вашата вера, за слободата на говорот и референдум за валидноста на Првиот амандман, вели Трамп.

Првиот црн кандидат на демократите за Конгресот на Флорида оцени дека Трамп е зрел за смена.

- Тој веќе сам себе се обвини кога го отпушти тогашниот директор на ФБИ Џејмс Коми. Во суштина, тој постојано ја попречува правдата. Тој се повеќе се закопува и во таа дупка ја влече целата земја, вели градоначалникот на Талахаси Ендрју Гилам.

Објавувањето на сите детали од истрагата за злоупотребите на Трамп, може на неговите противници да им се удри од глава, оценува сајтот „Политико“. Имено, според толкувањето на еден случај од пред 60 години, се што досега објави специјалниот истражител Роберт Малер за американскиот претседател, судот ќе треба да го отфрли, бидејќи тоа е повреда на пресумпцијата на невиност и тајноста на истрагата.

Најавено заминување на правниот советник на Белата куќа

Трамп најави дека наскоро ќе замине правниот советник на Белата куќа Дон Макган, во време кога истрагата на специјалниот обвинител Роберт Малер, станува се поголема закана за претседател на САД и неговите соработници.

„Правниот советник на Белата куќа Дон Макган ќе го напушти своето место во есен, набрзо после потврдата (се надевам) на назначувањето на Брет Каван за судија во Врховниот суд", напиша Трамп на Твитер.

Трамп изјави дека долго време работел со Дон Макган и дека ја цени неговата работа, но не даде дополнителни индиции за причините за неговото заминување ниту пак соопшти кој ќе го замени на таа позиција.

Објавата е дадена две седмици по откритието на „Њујорк Тајмс“, според кое, Макган во голема мера соработувал која ја водеше тимот предводен од специјалниот обвинител Малер околу сомневањето дека б иле во дослух изборниот штаб на Трамп и Русија пред изборите во 2016 година.

Трамп постојано вели дека истрагата на Малер е лов на вештерки, и по објавувањето на написот, тој рече дека му дозволил на Макган да сведочи и дека немал што да крие.



Автор: Администратор
Објавено на: 30/08/2018 10:36