Јубилејната 30-та самостојна изложба на реномираниот академски сликар од Крива Паланка, Роберт Цветковски, е закажана за 10 јануари 2019 година во "Galerry MC", Њујорк, Соединетите Американски држави. Како најава на изложбата Цветковски го посети градоначалникот Борјанчо Мицевски и му подари едно уметничко дело кое од денес ќе го краси неговиот кабинет. - Горд сум што токму во нашиот град живее и твори ваков амбасадор на културата, реномиран сликар и виртуоз на сликарството, чиишто дела ги красат уметничките збирки на сите континенти. Културните амбасадори, кои се најдобрите промотори на општината и државата, секогаш ќе бидат препознаени и поддржани од страна на општина Крива Паланка, рече Мицевски. Во досегашниот работниот опус на Цветковски создал околу 900 дела во различни сликарски техники и над 1000 цртежи, а негови дела се изложени во бројни светски збирки во институции и приватни колекции во: САД, Кина, Јапонија, Норвешка, Швајцарија, Германија, Хрватска, Црна Гора,БиХ, Турција,Србија, Бугарија,Македонија и во постојаната колекција на Центар за современа уметност-Подгорица,Црна Гора. Триесеттата самостојна изложба на Цветковски, амбасадор на културата од Крива Паланка и Македонија, ќе биде поставена од 10 до 25 јануари 2019 година во една од најпознатите светски галерии, "Galerry MC", Њујорк, која поддржува популарни и докажани уметници, иноватори, архитекти и креатори на уметнички перформанси.