Македонската виолинистка Ева Богоевска денеска ќе одржи солистички концерт во Американската катедрала во Париз, која е реномирана адреса специјализирана за настапи на класична музика.

Таа ќе биде придружувана од македонската пијанистка Весна Ангелова-Христов, а на програмата ќе бидат застапени дела од Моцарт, Бетовен и Сен Санс.

Солистичкиот концерт на Богоевска во Париз се реализира со поддршка на Министерството за култура, а за време на престојот во француската престолнина, македонските уметници ќе бидат примени од македонската амбасадорка во Франција, Јадранка Чаушевска Димов.

Концертот на Богоевска во Париз следува по минатогодинешниот настап во Карнеги Хол во Њујорк каде настапи како првонаградена на Интернационален натпревар за класична музика и по концертот во театарот Марчело во Рим.

Ева Богоевска е студент на Факултетот за музички уметности во класата на проф. Олег Кондратенко. Има освоено повеќе меѓународни награди како прво место на фестивалот Сан Ремо-Јуниор, Италија (2012), лауреат од прв степен на Меѓународниот фестивал за класична музика во Санкт Петербург, Русија (2014), Гранд при на Интернационалниот фестивал за класична уметност и култура во Ерусалим, Израел (2016) и прва награда на Интернационалниот натпревар за класична музика во Њујорк каде во нејзината категорија учествуваа над 200 натпреварувачи од светот.

Има настапувано повеќе пати како солист со Македонската Филхармонија и со Националниот оркестар на Операта и Балетот во Хо Ши Мин, Виетнам. Како солист има настапувано и во Словачка, Малезија, Израел, Унгарија, Австрија, Чешка, Русија, Италија, Виетнам, САД и во Македонија.



Автор: Администратор
Објавено на: 02/09/2018 11:18