Втората трка во годинешниот шампионат на кружни патеки помина во одлична организација, а натпреварите во трите категории беа највозбудливи последниве неколку години.

Во класата 4 (Е1 2000) триумфира Давид Малинковски од редовите на клубот организатор, АКК Кастум Кар Рејсинг од Скопје. Воедно, тој го оствари и најдоброто време годинава на патеката во Кичево, што е и негов личен најдобар резултат (1.10.991) во второто возење од квалификациите, за што доби посебно признание.

- Организацијата беше на високо ниво, многу сум задоволен од резултатот и возбуден затоа што автомобилот дојде на еден ден пред викендот, од Италија каде што беше на подготовка за оваа трка и за следните две во Скопје. Би сакал да продолжиме со вакви резултати и ќе се обидеме да оствариме што подобар резултат на крајот на сезоната”, изјави Давид Малинковски.

Втор во класата 4, беше Марко Мишевски од АКК Никола Карев, пред клупскиот колега Југослав Милошевски.

Најбрз во класата беше Георгиј Наков од АКК Никола Карев, пред клупскиот колега Никола Василевски и Александар Георгиевски од АКК Кастум Кар Рејсинг.

Победник во класата 2 е Мартин Делев од АКК Кастум Кар Рејсинг, пред клупскиот колега Коста Николовски.

Орхан Ахмет од АКК Автоклиника беше најбрз во класата 3, пред Филип Џуклески од АКК Никола Карев и Благоја Димитровски од АКК Автоклиника.

Во класата 7, единствен натпреварувач беше Ненцислав Петковиќ. Организаторот му додели посебно признание и на гостинот со српска лиценца, кој што возеше вон конкуренција, Димитриј Кимовски, а признание за најмлад возач со само 17 години, доби Михаил Делев од АКК Кастум Кар Рејсинг.

- Ова беше наша прва трка, што ја организираме ние и ако продолжиме вака, односно ако се надоградуваме во согласност со нашите идеи, мислам дека многу брзо ќе го кренеме автомобилизмот во Македонија на повисоко ниво. Доказ за ова е прегледот на стримот кој што го емитувавме од Кичево, кој што регистрира повеќе од 30.000 посетители за време на трката, изјави Миле Делев, организаторот на настанот во Кичево.



Автор: Администратор
Објавено на: 03/09/2018 00:35