Каратистите на Макпетрол постигнаа најдобар резултат во генерален пласман на Државниот изборен карате турнир одржан во текот на вчерашниот ден во Штип. Ова првенство имаше пред се критериумски карактер за избор на македонската репрезентација ,која во ноември треба да настапи на Светското првенство во Мадрид, Шпанија.
Макпетрол освои осум медали од кои четири златни (Сара Радичевска, Наташа Стефановска, Давид Петков и Моника Стефановска) и по две сребрени (Симона Заборска, Ангела Мојсовска) и бронзени (Моника Пендаровска, Петар Заборски).
- За овој државен турнир ние се подготвуваме интензивно цело лето. Турнирот поради критериумскиот дел за избор на репрезентацијата е од големо значење за каратистите и затоа тие имаат и голем психички притисок. Ние генерално можеме да бидеме задоволни од постигнатото со тоа што во нашите редови, имаме натпреварувачки потенцијал и за подобри постигнувања, изјави тренерот на Макпетрол Бошко Заборски.