Мекларен следната сезона во Формула 1 ќе има нов тим на возачи, откако денеска беше соопштено дека на крајот од сезоната ќе ја прекинат соработката и со Белгиецот Штофел Вандорн.

Тој во Мекларен пристигна во 2013 година преку програмата за млади возачи, од 2016 година стана резервен возач, а од 2017 година беше вклучен во главниот тим заедно со Фернандо Алонсо.

- Му благодариме на Вандорн за посветеноста и напорниот труд. Тој е талентиран возач и се гордееме што му помогнавме да влезе во светот на Формула 1, истакна првиот човек на Мекларен, Зак Браун.

Вандорн во болидот на Мекларен возеше на 34 трки.

- Горд сум што бев дел од Мекларен, иако не ги остваривме резултатите на кои се надевавме. Планирам да го дадам максимумот на следните седум трки, а потоа ќе ги соопштам плановите за следната сезона, истакна белгискиот возач.

Местото на Вандорн ќе го заземе Ландо Норис, кој досега беше тест возач во тимот, а Фернандо Алонсо следната сезона ќе го замени Карлос Саинс Јуниор.



Автор: Администратор
Објавено на: 03/09/2018 16:58