Кавај Ленард е во одлична форма и е подготвен за почетокот на новата сезона, соопшти помошниот тренер на Торонто рапторс, Фил Хенди.
Ленард во Торонто ќе пристигне на крајот од септември кога тимот започнува со подготовките.
- Добро му оди и е во одлична форма. Напорно работи и не постојат причини за проблеми. Играчите како него сакаат да се натпреваруваат. И покрај нештата кои му се случија во екипата на Сан Антонио спарс, Ленард гледа само во она што следи и сигурен сум дека ќе го даде максимумот следнава сезона во дресот на Рапторс, истакна Хенди.
Ленард минатата сезона имаше сериозна повреда поради што одигра само девет натпревари за Спарс, a летово беше заменет со Рапторс.
Првиот натпревар тимот од Торонто ќе го одигра на 29 септември против Портланд блејзерс.