Документарниот филм „Војникот од Фронтот-Валентин“, инспириран од уметничката кративност на францускиот војник Етјен Андре Валентин, кој во првата светска војна бил на македонскиот фронт, но без пушка, туку со молив нацртал над 130 цртежи со мотиви од ова поднебје, синоќа беше премиерно прикажан во кино салата на НУ Центар за култура-Битола.

Станува збор за проект на Македонско научно друштво Битола, за кој сценариото го подготви Силвана Петрова Насух. Режисер на филмот е Миле Гроздановски, а сторијата за Валентин кој потекнува од уметничко семејство ја истражи и прва објави, битолскиот новинар Жанета Здравковска.

- Во моите истражувања и интервјуа во Нормандија и во Македонија воочив дека војникот Валентин, таа уметничка душа, на цртежите претставил селски населби, но и градот Битола, цртал цивилно население, верски објекти, портрети... Карактеристично е тоа што во тој период на некои од цртежите на француски јазик запишал Македонци во целосна облека-носија, а на други места напишал, Македонија. Тоа значи дека во периодот кога не била конститурана македонската држава, овој дел од земјата го препознавале како Македонија, а народот како Македонци, истакна Здравковска, синоќа по премиерната проекција на документарниот филм во Битола.

Цртежите на Валентин денес се семејно наследство на неговата внука од брат Нели и нејзиниот сопруг Жерар Гијар од Нормандија. Овие вредни архиви прв пат се откриени во 1962 година, 22 години по смртта на Валентин, забележа професорот по историја Иљо Трајковски и ги пренесе на сценаристот и режисерот на филмот.

- Целта беше да се направи една топла приказна за еден човек без пушка, за еден човек кој со молив во раката се бори на свој сопствен начин. Не велам дека тој не бил активен војник на Фронтот, но на неговите дела никаде не се гледа насликан мртов војник. Во неговите десет тетратки оставени со скици тоа го нема. Оваа човечка приказна заслужува многу повеќе, посочи Гроздановски.

Сценаристот Силвана Петрова Насух истакна дека во филмот се внесени многу емоции, но со единствена цел како што рече, да го претставам војникот Валентин со една хумана линија како човек без пушка, но сепак на Фронтот. - Многу емоции ме водеа низ текстот, ме водеше тоа што се живееше и случуваше во Битола во Првата светска војна, нагласи Петрова Насух.

Проектот на МНД-Битола е поддржан од АЛДА-Скопје, во рамки на програмата за соработка меѓу Регионот Нормандија, Република Франција и Република Македонија, а филмот што го изработи „Креатив продукција“-Битола е снимен на македонски и француски јазик.

- Во овој проект има многу историја, култура, уметност, наука и истражувачко новинарство, а тоа пак преставува дополнителна вредност на овој проект и потврда за вечноста на уметноста, истакна Марјан Танушевски, претседател на МНД-Битола.



Автор: Администратор
Објавено на: 04/09/2018 14:42