Педесетина актери од десет претстави од Македонија и странство ќе се натпреваруваат на 26. издание на Фестивалот на камерен театар „Ристо Шишков“ за единствената награда за високо актерско остварување. Наградата се состои од златен медалјон со ликот на патронот на фетивалот-актерот Ристо Шишков и парична награда во износ од 1.500 евра.

Традиционално фестивалот почнува на 8 септември (сабота) и ќе трае до 12 овој месец.

Директорот на ФКТ „Ристо Шишков“, Ванчо Ристов Патриков денеска ја соопшти програмата за годинашното издание.

- Селектирани се претставите за фестивалот и во конкуренција имаме десет претстави од Македонија, Бугарија, Србија и Словенија. На свеченото отворање ја имаме најдобрата претстава за оваа година-„Клетници“ од Виктор Иго во изведба на прилепскиот театар. И на ова фестивалско издание нудиме богата програма, интересни театарски постановки, а жирито ќе има навистина тешка задача кому да му ја додели единствената фестивалска награда, рече директорот на ФКТ „Ристо Шишков“, Ванчо Ристов Патриков.

Додаде дека ќе има и богата оф фестивалска програма со промоција на повеќе дела, како и средба на поети од Македонија и Бугарија.

Фестивалската жири комисија ќе ја предводи ланската лауератка, српската актерка Тања Бошковиќ, а членови се професорката Василка Кортенска од Бугарија и македонската актерка, Јоана Поповска.

Фестивалот е финансиски помогнат од Министерството за култура и општина Струмица



Автор: Администратор
Објавено на: 04/09/2018 14:53