Шефот на Ред Бул, Хелмут Марко даде сензационална изјава дека ако Хонда доживее неуспех, неговиот тим може да ја напушти Формула 1. Под „неуспех“ се подразбира соработката да не донесе победи во шампионатот. Иако Ред Бул се сметаат за дел од „трите големи“ тима, заедно со Мерцедес и Ферари, тимот не е триумфирал со титулата во Ф1 од времето на Себастијан Фетел. Претходно во текот на годината тие најавија дека ја прекинуваат соработката со Рено и преминуваат кон Хонда - со надеж дека ова партнерство ќе го отвори патот кон нови успеси. - Ние сме задоволни од прекрасното партнерство со Хонда, што ќе се развие во текот на следните неколку години. Ако поради некоја причина тоа се покаже како неуспешно, тогаш Ред Бул ќе ја напушти Ф1, рече Марко пред „Спидвик“. Репутацијата на Хонда претрпе многу во последните сезони поради неуспехот со Мекларен. Компанијата беше речиси подготвена да го напушти спортот, но Марко ги убеди да останат со Ред Бул. - Соработката меѓу Хонда и Торо Росо се развива многу добро засега, заклучи Марко.