Луис Хамилтон призна дека Кими Раиконен ќе му недостасува од моментот кога ќе заврши кариерата на Финецот како пилот во Формула 1.

Се повеќе се зборува дека 2018 година ќе биде последна сезона за Раиконен, кој следниот месец ќе го прослави 39-от роденденден. Луис уште еднаш потсети дека како дете бил фан на „Ледениот“ кој во својата кариера досега има 284 Гран При старта и една светска титула.

Сепак, од 2014 година, кога се врати во Ферари, тој не успеа да додаде уште една на 20-те победи досега. Неговото место се очекува да го преземе ѕвездата во подем, Шарл Леклер, кој е пилот од академијата „Скудерија“.

Леклер, роден во Монако, во моментов успешно се натпреварува во својата прва сезона во Ф1 за тимот на Саубер, кој ги користи моторите на Ферари.

- Кими ќе ми недостасува сигурно кога веќе нема да се натпреварува со нас. Тој ќе недостасува на целата Формула 1 и тоа е јасно на сите. Неодамна споменав како уште пред да влезам во Формула 1, секогаш играв на мојот PlayStation и секогаш избирав да се натпреварувам за Мекларен со Раиконен и си замислував дека еден ден ќе бидам на негово место. Неговата кариера е исклучителна и се гордеам дека ја имам можноста да се натпреварувам против него веќе толку години, изјави актуелниот шампион.

Тој сепак не гледа причина зошто треба да се откажува.

- Без проблеми може да се натпреварува уште неколку години, заврши Британецот.



Автор: Администратор
Објавено на: 07/09/2018 15:15