Мирот и помирувањето се наша политичка определба. Да продолжиме да живееме во мир со безбедна иднина како полноправна членка на НАТО, во ЕУ, како политичка заедница која настана како резултат на политичкото помирување по Втората светска војна.
Ова денеска го истакна премиерот Зоран Заев на отворањето на изложбата „Лицата на војната: Македонија и Македонците во Големата војна (1914 - 1918)“ во Македонската академија на науките и уметностите. Организатор на изложбата е Државниот архив на Република Македонија, а покровител е премиерот Заев.
- Големата војна која заврши во 1918 година донесе многу жртви и страдања, но и многу научени лекции. Една од тие лекции е дека не смееме да заборавиме ниту еден дел од нашето минато, колку и да е болно. Не се откажуваме од ниту еден дел од нашата историја, колку и да е таа трагична, за да не ни се повтори никогаш повеќе, потенцира премиерот Заев.
Директорот на Државниот архив Кирил Петров посочи дека изложбата е резултат на желбата 100 години подоцна да му се оддаде почит на малиот човек во Големата војна, а неговата жртва да не се заборави и избрише.
- Со оваа изложба ги оживуваме сеќавањата на Големата војна погледната низ очите на мажите, најчесто војници, без разлика на возраста, професијата, верската припадност и местото на живеење, но и на жените кои си ја заменија улогата со мажите станувајќи глава на семејството, рече Петров. Апелираше сите граѓани кои поседуваат документи, фотографии, писма, разгледници од историско значење од периодот на Првата светска војна да ги сподели со Државниот архив.
Авторката на изложбата Јасмина Дамјановска соопшти дека прикажуваат скоро 500 документи на 60 изложбени паноа. Има многу фотографии, заповеди, наредби, молби, споменици, извештаи, програми, беседи, благодарници, војнички писма... и изрази надеж дека посетителите ќе го видат малиот човек во Големата војна онака како што го видела таа.
Директорот Петров им додели благодарници на најзаслужните архивски работници.