Аргентинскиот тенисер Хуан Мартин дел Потро изјави дека со нетрпение го очекува натпреварот против Рафаел Надал за пласман во финалето на Ју-Ес опен.
Дел Потро досега само еднаш го има освоено тениското првенство на САД, и тоа во 2009 година кога во финалето го победи Роже Федерер.
- Дома се радувам кога ќе го погледнам пехарот. Не знам дали можам да освојам уште еден, но ќе дадам се од себе, истакна Дел Потро.
Неговиот ривал во полуфиналето Надал е актуелен најдобар тенисер во светот, но воедно и бранител на титулата на Ју-Ес опен.
- Задоволен сум како играм во текот на целиот турнир. Тоа ќе биде тежок натпревар. Меѓутоа, ќе имам можност да играм со најдобриот во светот, истакна аргентинскиот тенисер.
Надал на 16-те меѓусебни натпревари со Дел Потро беше подобар на 11.