Бразил ја совлада фудбалската репрезентација на САД со 0:2 на пријателскиот натпревар одигран во Њу Џерси.
Гостите двата гола ги постигнаа во првото полувреме. Бразил поведе во 11-та минута со голот на Роберто Фирмино, а конечните 0:2 ги постави Нејмар во 43-та минута со гол од пенал.
Бразил на 12-ти септември во вториот контролен натпревар ќе му гостува на Ел Салвадор.
Уругвај на натпреварот во Хјустон убедливо го совлада Мексико со 4:1. Уругвајците поведоа во 21-та минута со голот на Хозе Марија Хименез, а четири минути подоцна Раул Хименез беше прецизен за израмнување.
Во 32-та минута Луис Суарез зголеми на 2:1, а во 40-та минута истиот играч успешно реализираше пенал за водство од 3:1.
Гастон Переиро во 59-та минута ги постави конечните 4:1.
Комбинираната репрезентација на Аргентина во Лос Анџелес ја совлада Гватемала со 3:0, а сите голови беа постигнати уште во првото полувреме.
Гонзало Мартинез со гол од пенал донесе водство за Аргентина, Ло Челсо ја зголеми предноста, а третиот гол го реализираше Џовани Симеоне.
На преостанатите два натпревари Колумбија ја совлада Венецуела со 2:1, а Еквадор со 2:0 беше поуспешен од Јамајка.