Во Делчево почна истражување во врска со спроведувањето на Конвенцијата за заштита на нематеријалното културно наследство на Република Македонија.

За таа цел Николај Вуков, претставник на Регионалниот центар за заштита на нематеријалното културно наследство на Југоисточна Европа, рече дека во тек е анализа за орото „Копачка“, која ќе биде вградена во изработувањето на Стратегија за нематеријалното културно наследство на Македонија.

- Целта е преку директна посета да можеме да набљудуваме колку добро е зачувано културното наследство во Република Македонија. Работиме заедно не само да ги набљудуваме, туку и да ги слушнеме проблемите со кои се сочуваат носителите на нематеријалното културно наследство, во случајот орото „Копачка“, со цел потоа да ги дефинираме чекорите од стратегијата за нематеријалното културно наследство во Република Македонија, рече Вуков.

Според Здружението „Копачка", изработката на заедничкиот документ кој ќе произлезе од предвидената стратегија е од огромно значење.

- Ова е голема мотивација за нас, за иднината на „Копачката“ во УНЕСКО и начините и можностите за решавање на најгорливите нерешени прашања, како што се вдомувањето и финансиската поддршка за одржливоста на ова наше културно наследство во УНЕСКО, рече Перса Стојановска, секретар на Здружението „Копачка“ од делчевското село Драмче.

Според Велика Стојкова-Серафимовска, вработена во Институтот за фолклор „Марко Цепенков" во Скопје, орото „Копачка" е меѓу ретките примери за оро коешто се уште се игра на традиционалните собори.

- Јас сум многу среќна што орото е живо, затоа што во денешно време, нематеријалното културно наследство лесно се губи, но во случајот на Копачката имаме обратен случај, со тоа што по впишувањето во УНЕСКО, орото се популаризираше особено помеѓу помладата популација, рече Стојковска-Серафимовска.

Активностите за изработка на стратегијата за заштита на нематеријалното културно наследство се одвиваат во период кога фолклорната група „Копачка“ одбележува 70 години од своето постоење.



Автор: Администратор
Објавено на: 10/09/2018 12:42