Од 17-ти до 21 септември во Кинотеката на Македонија ќе бидат прикажани пет филма за бурните настани во 1968. Програмата е насловена „Филмови за ’68: Половина век од Полов(н)ата револуција“.

Филмската програма идниот понеделеник ќе почне со чехословачкиот игран филм од 1970 година „Случај за неискусниот џелат“ по сценарио и режија на Павел Јурачек.

Во наредните четири дена ќе бидат прикажани и: бугарскиот документарен филм „Агресијата“ од 2015 година во режија на Ана Петкова; „Сонувачи“ на Бертолучи од 2003 година, копродукција меѓу Велика Британија, Италија, Франција и САД; Избор од журналите на „Филмски новости“ за ‘68 - документарни филмови од СФР Југославија од 1968 година.

Програмата ќе заврши на 21 септември со македонскиот документаен филм „Утопија 1968 - Годината со килибарна надеж“ документарен филм на Никола Т. Калајџиски и Аристид Филактов, снимен оваа година. Филмот е посветен на Јан Палах, кој во знак на протест против советската инвазија врз неговата земја Чехословачка се самозапали во Прага во 1969 година.

Во пролетта и летото во 1968 година се случуваат бурни протести на младите од САД, преку Париз и Берлин, до Прага и Белград, кои ја носат идејата за револуционерна промена на светот како подобро место за живеење.

- Протестите во САД се против учеството во војната во Виетнам, во Париз се бара културна револуција по примерот на Кина предводена од Мао Цедунг, младите во Германија првпат ги прашуваат родителите колку и како учествувале во нацистичката димензија на земјата, Чехословаците поведуваат национален бунт против догматскиот комунизам предводен од СССР, студентите во Белград се незадоволни од растот на црвената буржоазија и бараат поправеден комунизам... Во поголемиот дел од овие бунтови забележлива е револуцијата за сексуалните слободи и половата рамноправност, наведува Кинотеката во најавата за филмската програма по повод половина век од ’68.

Проекциите на филмовите ќе почнуваат во 20 чааот. Кинотеката ја организира програмата во соработка со Амбасадата на Чешка во Македонија, Чешкиот центар во Софија и Македонската радиотелевизија.



Автор: Администратор
Објавено на: 10/09/2018 13:00