Карванот на поетскиот фестивал „Стихувалки 2018“ денеска го посети Гостивар и во Центарот за култура АСНОМ ја промовираше збирката творби со детски песни од 49 автори, избрани по пат на конкурс.
Целта на овој карван кој го реализира издавачката куќа „Едука Мак“ е да се надополни недостиг на литературата за деца и приближување на поезијата до најмладата публика и поттикнување на читање.
- Овој фестивал е создаден заради децата. Кај најмладите треба да се создаваат навики да читаат што повеќе за понатаму во животот да можат да се снајдат во секакви ситуации. Купувајте им книги на вашите деца за да читаат наместо своето слободно време да го користат пред таблети и телефони, рече на промоцијата писател Христо Петрески и член на жирито.
Меѓу деведесетте поети колку се пријавиле на конкурсот, жирито избра двесет и пет кои претендираат за една од фестивалските награди. Најдобрите се избираат по пат на гласање, а можност да даде свој глас имаше и самата публика на промоцијата.
Промоции на збирката „Стихувалки“, освен во Гостивар се одржуваат во Битола, Охрид, Велес, Штип, Кочани, Прилеп и Скопје. Проектот се реализира, со поддршка на Министерство за култура на Република Македонија.