Александар Илиевски, репрезентативец и член на Пливачката федерација на Македонија без конкуренција беше најдобар на денешниот „Петти јубилеен Велешки маратон на Езерото Младост“ на пет километри за мажи.
Илиевски (28), кој 19 години е во пливањето, во изјава за МИА оцени дека организацијата била добра, а и патеката добро одбележана.
- Конкуренција немав бидејќи не знам од кои причини моите конкуренти не дојдоа ,па затоа го пливав моето темпо без да форсирам. На 2,5 километри 34 минути и уште толку на следните 2,5 километри или на целта на пет километри, пристигнав за еден час и осум минути, појасни Илиевски.
Пливам маратони од светската гран при серија, додаде, а овој маратон ми беше како полесен тренинг затоа што мене специјалност ми се маратоните на 10 километри.
Тој минатата недела пливал на Истанбулскиот маратон на шест километри, а летово пливал и на маратон во Канада и Аргентина, како и на Охридскиот маратон.
На маратонот од 2,5 километри за жени професионалци прва исплива Калина Стојановска од Пливачката федерација на Македонија, втора е Ивана Неделковска Беташар од Скопје, а трета Калина Стојчевска ПК „Младост“ Скопје.
На истата делница за професионалци мажи прв е Андреј Стојановски од Пливачката федерација на Македонија втор Сергеј Пејковски од Пливачкиот клуб „Младост“ од Скопје, а трет Кристијан Стојановски од истиот клуб.
Овој маратон беше последен маратон од годинашниот Македонски куп во далечинско пливање.
Кај аматерите на 2.500 метри прв беше Христијан Јанков од Пливачкиот клуб „Челични“ од Штип, втор Марио Џунов од Велес и трет Бојан Илковски од Велес.
Во категорија аматери во женска конкуренција прва беше 14-годишната Вероника Зашева од Пливачкиот клуб „Челични“ Штип, втора Ирена Панова Петровска од Велес и трета Марија Ѓорѓиевска од Велес
Организатор намаратонот беше општина Велес, а покровител Пливачката федерација на Македонија со ЗГ „Клуб 28“ и Кајак Клубот „Бабуна“ од Велес. За безбедноста намаратонците се грижеа 20-тина спасители на вода од Општинскиот Црвен крст на Велес и 30-тина кајакари од велешките кајакарски клубови.
Претседателот на Пливачката федерација на Македонија Александар Маленко даде позитивна оценка на маратонот.
-О ва е прво наше заедничко искуство со техничкиот организатор и општина Велес. Се надеваме дека од наредната година Велешкиот маратон, кој е дел од Македонскиот куп во далечинско пливање, ќе прерасне во меѓународен, што е наша и цел на општината. Јас како поранешен пливач ветувам дека со Националната програма од догодина заедно со Агенцијата за млади и спорт и МОК и општина Велес ќе организираме маратон на 8 септември, Денот на независност, изјави Маленко за МИА.
Новина е, нагласи, што освен на пет километри како досега, ќе има маратон и на 10 километри што е олимписка дисциплина.