Завчера на фејзбук Висар Вишка, инаку советник за култура на Министерот Адеми, објави дека ми пратиле инспекција во продукцијата!

Онака како што најавив во интервјуто на Алфа. Ме разочаравте. Дури и УДБА била по креативна. Вака испадна, ептен предвидливо! До час.

Иако министерството за култура нема апсолутно никакви ингиренции над мене и моето работење, сепак тие се добродојдени кај нас. Нашата продукција според изјавата од пред неколку месеци на директорот на Агенцијата за филм Горјан Тозија е пример за добра практика и домаќинско работење, па инспекторите кои, сега е сосема јасно дека ги пратил советникот Висар Вишка, ќе можат да увидат што и како се работи, и тоа знаење да го пренесат и на другите!

Но, прашањето е, прво: каква работа има советникот за култура на министерот Адеми по фејзбуци да објавува за тоа во која приватна фирма каква инспекција има!? И, второто и пострашното. Советникот за култура Висар Вишка на иститот тој фејзбук најави Пријава на Јавното Обвинителство против мене за предизвикување меѓунационална нетрпеливост. Маските паднаа! Актерот од МНТ Висар Вишка е културно-уметничкиот доктор Менгеле кој со вкрстување на законски дозволени идеи и проекти, во Македонија ќе произведе вистинита и чиста ариевска уметност која ќе ги изразува особеностите на заедничкото живеење во државата Европска Македонија!

Каков национал-социјализам! Значи, според објавеното на Фејзбук, ако Висар Вишка знае на 13 ти Септември дека на 17 ти истиот месец во приватна фирма ќе има инспекција, логично е да се претпостави дека тој знае и за пријавата на Јавното Обвинителство која постои а ние не знаме, а за која тој уште завчера најави дека ќе се случи!

Значи ли тоа дека актерот Висар Вишка од позиција на советник, седи во кабинетот на Министерот за култура, составува комисии, праќа инспектори и пишува пријави, кои Јавното Обвинителство само формално подоцна ќе ги потпише и објави во свое име?! Прашувам, овој пат за себе, со време да си го спремам торбичето.

Господо, бољшевистички камаради уметничари: можете да праќате инспекции, да се заканувате и поднесувате пријави пред сите ваши обични и необични Јавни Обвинителства, да ме заплашувате дека следната недела ќе ме уапсите, па дури и тоа дека ќе ме убиете! Ич, ама ич не ви се плашам!

Еднаш ви кажав, сега да ви прекажам: премногу тврд орев сум за вашите катни заби! Јас сум партизанско дете.

Немам право заради моите предци да попуштам и потклекнам пред тиранска сила и неправда.

Против фашизам јас се борам!

СМРТ НА ФАШИЗМОТ! СЛОБОДА НА УМЕТНОСТА!



Автор: Администратор
Објавено на: 16/09/2018 04:56